Дефект (губење на вода) на дистрибутивната мрежа предизвика прекин на испораката на топлинска енергија за дел од потрошувачите во населбата Кисела Вода, соопштија утрово од АД ЕСМ. Истакнуваат дека екипи на ЕСМ Дистрибуција на топлина веќе се на терен и интензивно работат на лоцирање на дефектот, со цел истиот да биде изолиран и саниран.
-Поради големината на дефектот, во овој момент невозможно е да се даде прецизна проценка кога тој ќе биде отстранет, но се прават напори редовното снабдување со топлина до сите потрошувачи на споменатите улици да биде воспоставено во најкраток можен временски рок, се неведува во соопштението на ЕСМ Дистрибуција на топлина.
Грејната сезона во Скопје за сите приклучени на мрежата за централно греење започна од 15-ти октомври со исти услови како и претходно, односно со загарантирана температура од 21 степен Целзиусов и греење во периодот од 06:00 до 22:00 часот.
Во Скопје околу 60 илјади домаќинства се приклучени на мрежата за централно греење што ја покриваат топланите Исток и Запад. Дополнително уште околу 500 домаќинства во Чаир и Топанско поле се приклучени на мрежата која ја покрива топланата Скопје север.
Цената на парното засега останува иста, но останува нејасно по која цена ќе се плаќа услугата, со оглед дека сè уште не е почната замената на цевките на топловодот под мостот „Беласица“. Вообичаено, одлука за нова цена на парно се носи до крајот на јули, но поради низа проблеми РКЕ се одлучи да го одложи.