Дел од полицајците излегуваат на протест, бараат повисоки плати и законите да важат за сите

од Nikola Popovski
32 прегледи

Независниот синдикат на полицијата (НСП) денеска ќе излезе на протест на кој ќе бараат да се почитува Законот за минимална плата и судските постапки да се спроведуваат во законски предвидените рокови. Протестот е закажан да се одржи пред судовите во Скопје, на крстосницата кај „Мавровка“.

Целта е изедначување на судската пракса и минимална плата за полициските службеници, согласно Законот за минимална плата.

Според претседателот на Независниот синдикат на полицијата Мартин Ефремов, платата на полициските службеници, согласно Законот за минимална плата и колективниот договор е составена од основна плата и зголемување за 30 проценти, како и останати додатоци за минат труд. Вели основната плата во државата не може да биде пониска од минималната плата.

– Платата на полицијата, согласно законот и колективниот договор е составена од основна плата и зголемување за 30 проценти, како и останати додатоци за минат труд и тн. Согласно Законот за минимална плата, основната плата во државата не може да биде пониска од минималната плата, а потоа се додаваат оние зголемување од 30 проценти, додатоци и тн. Досега апелационите судови во Битола и Гостивар ни потврдуваат дека ова што го зборуваме е така, веќе имаме потврдено пресуди во којшто се пресметува разликата на минималната плата, меѓутоа од Апелациониот суд во Скопје, веројатно пресметале дека им се многу средства во државата, па се трудат сега да се умилкуваат, дел од судиите сега сакаат и на тој начин да напредуваат од Основниот граѓански суд во апелациони, па од оттаму во врховни судови, и пробуваат да направат сосема друга пракса со која што ќе кажат дека основната плата, во смисла на минималната плата во Законот треба да се гледа заедно со тоа зголемување, рече пред два дена Ефремов.

Во најавата за протестот, од Независниот синдикат велат дека поддршка ќе имаат и од нивните колеги од полициските синдикати од Република Црна Гора и Република Србија.

Протестот е реакција и на постапката против четворица судии од скопските судови, за кои синдикатот поднел претставка поради сомнежи за непристрасност. Полицајците порачаа дека законот мора да важи подеднакво за сите, не само кога треба да се казнува.

Слични содржини