Дел од приватните превозници почнаа да возат и во прва смена

од Nikola Popovski
367 прегледи

Дел од приватните автобуски превозници почнаа да возат и во прва смена, а не како досега само во трета. Утринава низ скопските улици можеше да се забележат повеќе приватни автобуси кои беа преполни со патници. Во сообраќај, како што најавија во саботата, ќе се вклучат оние превозници кои имаат финансиски можности.

Превозниците беа гневни затоа што Советот на Град Скопје не ја стави на дневен ред точката за покачување на цената на минат километар.

Редуцираното вoзење на приватните превозници дополнително ги зголемува маките на скопјани во ситуација кога и ЈСП нема доволно автобуси за да го покрие возниот ред.

И претходните месеци имаше проблеми со јавниот превоз откако приватните превозници бара исплаќање на средствата за кои велеа дека им ги должи ЈСП Скопје.

-Воедно, ја користиме оваа прилика да се обратиме до сите советници во Градот Скопје – Ве молиме со консензус да изгласате покачување на цената за изминат километар со цел подобрување на состојбата во јавниот градски превоз. Со покачена цена се обврзуваме да го обновиме нашиот возен парк со еколошки климатизирани автобуси, изјави претставник на приватниците, Јовица Зафировски во саботата.

Проблемот со јавниот градски превоз кулминираше во четвртокот откако поради недостиг на нафта, поголем дел од автобусите на ЈСП останаа паркирани во нивните бази. Во сообраќај беа пуштени 25 автобуси кои работат на природен гас и уште неколку кои имаат резерва на нафта. Дел од граѓаните мораа да се снаоѓаат за да дојдат на работните места, а голем број ученици добиваа изостаноци поради неможноста да стигнат на време на училише. На дел од автобуските станици се чекаше и до еден час за да стигне автобус.

Владата мораше да интервенира и да позајми од државните резерви.

-Овие количини, овие 250.000 литри се веќе доставени до депоата на ЈСП. Денеска е нормализирана состојбата, и овие се позајмени количини затоа што во текот на вчерашниот ден менаџментот на ЈСП до Бирото за јавни набавки достави барање за реализирање на итна постапка за набавка на нафта по пат на преговарање. Од страна на Бирото за јавни набавки е одговорено позитивно. Овие 250.000 литри ќе бидат доволни за 10 дена, 2 недели, 3 недели но нема трајно да го реши проблемот, изјави пред два дена премиерот Христијан Мицкоски.

Град Скопје се огласи по повод објавата на министерот за животна средина Изет Меџити, кој утрово напиша дека неговото министерство обезбедило шест еколошки автобуси, кои ќе ги донирале на главниот град.Ирена Витина, советничка во Град Скопје се огласи по повод овие најави на Меџити, и кажа дека дека автобусите се финансирани од ЕУ, и дека министерот нема никаков придонес.

Проблеми во ЈСП има подолго време. Вработени протестираа поради неисплатени плати, автобуси на улиците има помалку од потребните за да ги опслужат граѓаните на Скопје, кои се жалат дека автобусите доцнат, дека често се расипуваат и дека условите за возење се лоши поради гужвите што се прават во нив.

Во Советот на Град Скопје не може да се изгласа проектот за купување еко – автобуси на актуелната градоначалничка Данела Арсовска, ниту да продолжи проектот за брз автобуски превоз на нејзиниот претходник Петре Шилегов.

Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има има мнозинство во Советот на Град Скопје. Откако им се разидоа патиштата уште во првата година од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица, сега меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи проектите за да се нормализира јавниот превоз во Скопје.

Слични содржини