Околу 150 вработени во хидроцентралите „Маврово“ денеска пред зградата на дирекцијата во Гостивар изразија незадоволство од менаџментот на компанијата, кој како што велат, врши притисок врз нив.
Според Бране Петрески, еден од работниците, проблемот настанал откако дел од вработените по судски пат ги наплатиле трошоците за превоз кои им биле одбиени од платата во период од 2008 до 2014 година.
– Надлежните судови, Основен и Апелациски, пресудија во наша корист и преку извршител успеавме да го добиеме тоа што ни следуваше. Кога ги добивме парите, се соочивме со притисоци, закани од директорот на ХЕС Маврово и од менаџментот на ЕЛЕМ, со што се нарушија и меѓучовечките односи, изјави Петрески.
Тој обвини дека заедно со неколкумина колеги од неодамна работат и во автокампот Ливадиште, кој е дел од компанијата ЕЛЕМ, каде вршат физички работи како припомош на подржницата Црн Дрим.
Од Подружницата на ЕЛЕМ, ХЕС Маврово ги отфрлаат обвинувањата од вработените. Оттаму нагласуваат дека работат исклучиво според Законот за работни односи и Колективниот договор на компанијата.
– Ангажманот на дваесетина работници за реализација на подготвителни активности за оспособување на автокампот Ливадиште за претстојната туристичка сезона, кој исто така е во сопственост на АД ЕЛЕМ е исклучиво направен врз основа на моменталната расположивост на човечките ресурси во подружница ХЕС Маврово, како и според стручната подготовка на работниците, а согласно потребите за подготовка и одржување на овој туристички капацитет. Подружница ХЕС Црн Дрим од нас побара во рамки на своите можности да испратиме соодветен кадар за подготовки на автокампот за претстојната туристичка сезона, изјави Александар Левковски директор на подружницата ХЕС Маврово.
Тој нагласи дека со Колективниот договор и со Законот за работни односи, работодавецот може да испрати работници во друга подружница во рамки на компанијата доколку има потреба од таков ангажман. Станува збор, како што појасни, за привремени активности и работниците повторно ќе бидат вратени на своите работни места во ХЕС Маврово штом тоа го побара работниот процес.
– На тие работници им е обезбеден секојдневен превоз од Гостивар до Ливадиште на товар на компанијата, а исто така им се нуди и можност за бесплатно сместување во наши капацитети во близина на автокампот, во случај да не сакаат да патуваат. И покрај оваа можност, дел од работниците кои не сакаат да патуваат секој работен ден, решија самоиницијативно да си побараат приватно сместување во Струга, истакна Левковски.
Тој додаде дека се подготвени да разговараат со вработените со цел надминување на недоразбирањата./МИА
![hec[2]](https://lokalno.mk/wp-content/uploads/2015/05/hec2-300x191.jpg)