Дел Потро: Мојот живот е кошмар

од Vladimir Zorba
17 прегледи

Хуан Мартин дел Потро, поранешен тенисер и победник на УС Опен од 2009 година, зборуваше за неговата битка со повредата на коленото која му го променила животот.

Откако го повреди коленото во Квинс во 2019 година, тој никогаш не се опорави целосно и покрај осумте операции. Денеска на 36 години живее во секојдневни болки и пие по седум таблети дневно за да ги ублажи.

Дел Потро откри како поминал низ неверојатно тежок процес на рехабилитација, вклучувајќи месеци третман во Швајцарија и САД и повеќе од 100 инјекции. По првата операција, лекарите му ветиле дека ќе се врати на теренот за три месеци, но тој никогаш повеќе не можел да се качи по скали без болки.

„Од првиот ден по операцијата живеам во кошмар. Моето секојдневие не е она што би сакал да биде. Не можам да играм фудбал, не можам да играм падел. Тоа е страшно. Ми го одзедоа она што најмногу го сакав – играњето тенис. Многу е тешко. Има моменти кога немам повеќе сила. Јас не сум неуништлив. Имам и добри и лоши моменти, но најмногу морам да глумам, да ставам насмевка на лицето и често се чувствувам ужасно“, изјави Аргентинецот и додаде дека дури и при возење автомобил има болки.

И покрај бројните обиди да се врати, Дел Потро одигра проштален натпревар против сонародникот Федерико Делбонис во Буенос Аирес во 2022 година.

„По тој меч отидов на петта операција, но повеќе не зборував јавно за процедурите бидејќи сакав да најдам мир“, изјави Дел Потро.

Тој викендов ќе се збогува од тенисот во егзибициски меч против Новак Ѓоковиќ во Аргентина.

„Се уште секој ден барам решение за мојата ситуација. Моето здравје веќе не е само физички проблем, туку и емотивен. Ова беше пораз кој не можев да го избегнам“, заклучи Дел Потро, заблагодарувајќи им се на сите за поддршката низ годините.

Слични содржини