Итната медицинска помош во Делчево доби ново медицинско транспортно возило, кое ќе биде наменето за пренесување на пациентите до најблиските клинички центри во државата. Директорката на делчевскиот Здравствен дом, Марија Глигоровска информираше дека возилото е обезбедено со средства од сопствениот буџет.
„Требаше ова возило да стигне малку порано, меѓутоа изборниот процес ги закочи јавните набавки, така што дури сега го добивме возилото. Тоа ќе биде наменето за пренос на пациенти, а е набавено со сопствени средства, кои успеавме во тек на годината да ги заштедиме како установа. Согласно потребите го наменивме за Итната помош каде сметаме дека потребите се поголеми, бидејќи далеку сме од Клиничката болница во Штип и Скопје, така што, имаме потреба и секогаш ни се добредојдени возила“, рече Глигоровска.
Раководителката на Итната медицинска помош Кристина Смилковска, заблагодарувајќи се за новото возило, изрази надеж дека тоа што помалку ќе се користи и дека секогаш се добредојдени повеќе возила и опрема за секоја здравствена установа.