Соработката меѓу македонската и српската царинска служба продолжува со конкретни резултати и нови договори за унапредување на заедничкото работење. Во оваа насока се одржа билатерална средба помеѓу директорот на Царинската управа на Македонија, Бобан Николовски и директорот на Царината на Србија Драгиша Петровиќ, заедно со делегации од највисокото раководство од двете страни.
На денешната средба во Белград беа потврдени придобивките од досегашните активности – заедничките контроли со едно запирање на граница, взаемното признавање на овластените економски оператори, размената на податоци, како и меѓусебното признавање на белешките од мерење на товарните возила.
Ваквите билатерални средби претставуваат важна алатка за градење стабилни и долгорочни партнерства, како и можност за договор на нови чекори за забрзување на движењето на стоки и побрзи процедури на граница во насока на зголемување на конкурентноста на економиите на двете држави.
Во текот на дискусијата, двете страни се согласија за продлабочување на соработката при имплементацијата на новите царински ИТ системи, како обврска за напредок во процесот на европска интеграција; воспоставување на контакт точки со цел побрза и поефективна размена на оперативни и разузнавачки информации во реално време; дополнително олеснување на царинските постапки во согласност со Акциониот план за Заеднички регионален пазар и постапките во рамки на договорот за контроли со едно застанување на граничниот премин Табановце како и соработка во организирање на заеднички обуки, работилници и консултативни состаноци.
„Нашата цел е јасна – олеснета трговија, побрз проток и посилна регионална соработка на патот кон ЕУ”, истакна директорот Николовски.