Делегација од МВР предводена од директорот на БЈБ Тасевски во посета на Словенија

од Radmila Tasevska
241 прегледи

На покана од генералниот директор на полицијата на Република Словенија, во официјална работна посета на Република Словенија престојува висока делегација од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, предводена од Сашо Тасевски, директор на Бирото за јавна безбедност, соопшти МВР.

Македонската делегација остварила поединечни средби со министерот за внатрешни работи на Република Словенија Боштјан Поклукар и генералниот директор на словенечката полиција Сенад Јушиќ. На средбите било потврдено дека соработката меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Словенија е на многу високо ниво, со постојан континуитет и во духот на традиционално добрите пријателски односи меѓу двете земји.

– На средбата со министерот за внатрешни работи Поклукар, уште еднаш беше потврдена желбата за зајакнување на соработката на земјите од Западен Балкан во процесот на интеграција во Евро-атлантските организации како и решавање на отворените прашања преку неформални состаноци и отворен дијалог. Директорот Тасевски истакна дека македонската полиција, во изминатиот период, направи и спроведе големи реформи, и со гордост може да се позиционира и спореди со полициите во Европа, стои во соопштението од МВР.

На средбата со генералниот директор на словенечката полиција Јушиќ, директорот на Бирото за јавна безбедност Тасевски се заблагодарил на одличната соработка која се остварува преку сите меѓународни и регионални канали на полициска соработка. Сето тоа, се додава во соопштението, придонесува за поефикасно координирање и спроведување на активностите со меѓународните криминалистички  служби, во борбата против организираниот и другите видови сериозен криминал.

Во чест на македонската делегација, стои во соопштението, од страна на Министерството за внатрешни работи на Република Словенија била изведена вежба на хеликоптерската и специјалната единица со презентација на нивните најнови методи и модерна технологија на користење на истите.

Слични содржини