Делегацијата на ЕУ е загрижена за случувањата во М-НАВ, бара итно да се истражат наводите за клиентелизам при вработувањата

од Nikola Popovski
256 прегледи

Делегацијата на ЕУ во земјава со загриженост ги следи случувањата и инцидентот во М-НАВ. Оттаму денеска соопштија дека императив е именувањата во националниот давател на услуги за воздухопловна навигација и поврзаните услуги, исто како што треба да важи и за другите институции, да се засноваат на заслуги, квалификации и искуство.

Потсетуваат на фактот дека Северна Македонија се обврза да го имплементира законодавството на ЕУ што се однесува на давателите на услуги за воздушна навигација (ANSPs).

-Ова вклучува одредби за да се обезбеди независност од државата, одредби дека персоналот – особено контролорите на летање – ги исполнува законските барања за такви работни места и дека обезбедувањето на услугата ги почитува целите во однос на безбедноста, економичноста, капацитетот и животната средина. Очекуваме државните власти итно да ги истражат наводите за клиентелизам при назначувањата во овие служби, соопштија од М-НАВ.

Од ЕУ делегацијата очекуваат институциите да ги истражат и извештаите за несоодветни надворешни влијанија и насилство врз персоналот што работи во компанијата.

Претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски веднаш по инцидентот и насилниот упад во контролната кула беше повикан во Делегацијата на ЕУ за да ги објасни состојбите и проблемите на клиентелизам и партизација во вработувањата на кои Синдикатот алармираше.

Од Управата за финансиска полиција вршат проверки во М-НАВ. Од оваа институција велат дека постапуваат врз основа на извештајот што е направен.

„Согласно нашите надлежности ќе извршиме проверки дали има сомнежи за кривични дела. Ќе се прават контроли во финансискиот дел, во процедурите и слично. Ќе постапиме според извештајот што е доставен и согласно надлежностите на Управата за финансиска полиција ќе извршиме контроли и увиди во работењето на М-НАВ“, соопштуваат од Управата за финансиска полиција.

Четворица од напаѓачите се сè уште во бегство. За нив МВР има распишано централна потерница. Обвинителството смета дека со насилниот упад била загрозена безбедноста, Кривичен пак не најде доволно докази.

Слични содржини