Делегацијата на Европската унија во Босна и Херцеговина објави дека вчерашните закани на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, до репортерката на N1 се најнов инцидент во загрижувачкиот тренд на јавни напади врз новинари, како и обиди да се замолчат критичарите со ретроградно законодавство.
„Слободата на медиумите не е само основна европска вредност, туку е суштинска за демократска одговорност и транспарентност, како и за просперитет“, се наведува во соопштението.
Тие додадоа дека „зајакнувањето на заштитата на новинарите и слободата на медиумите е клучен приоритет на европскиот пат“, поради што го повикаа Додик и властите во РС целосно да ги почитуваат правата на новинарите, како и да „го променат правецот на неодамнешните потези кои имаат застрашувачки ефект врз просторот за граѓански ангажман, како што се криминализацијата на клеветата и планираниот закон за т.н. странски агенти“.
Додик вчера на прес-конференција вербално нападна новинарка на телевизија N1, откако таа го замоли да даде коментар за тоа дека во негова близина има лица од криминалното милје, кои пред неколку дена беа уапсени поради вмешаност во трговија со дрога во полициската операција „Код“.
Додик рече дека телевизијата N1, и во Босна и Херцеговина и во Србија, е „антисрпска“, наведувајќи дека е „многу толерантен“ што воопшто ѝ дозволил да влезе во службените простории.