Делегацијата на ЕУ: С. Македонија не ги исполни критериумите за пари од Фондот, но обезбедивме помош од почетокот на пандемијата

од Nikola Popovski
173 прегледи

„Во врска со Фондот за солидарност, Македонија не ги исполни поставените критериуми, но сепак ЕУ обезбеди одржлива помош во справување со коронавирусот од почетокот на пандемијата“, соопштиле од Делегацијата на ЕУ во земјава.

Според нивните зборови, обезбедени биле 226 милиони евра за покривање на медицински материјали и опрема, за поддршка на ранливите групи, бизнисите и невработените, како и за макрофинансиска помош.

Тие потсетуваат дека неодамна се обезбедени и 70 милиони евра за набавка на вакцини и поврзана опрема за регионот на Западен Балкан.

„Ова доаѓа како дополнување кон Економскиот и инвестицискиот план дизајниран за поддршка на долгорочното закрепнување на економиите на земјите од Западен Балкан во вредност од девет милијарди евра“, додаваат од Делегација на ЕУ.

Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров објасни дека за да добиеме помош како држава од ЕУ фондот за солидарност минималната вкупна сума на трошоците поврзани со здравствените аспекти на пандемијата требало да надмине 31 милиони евра за првите четири месеци на кризата.

„Нашите институции, сите заедно, пријавиле дека вкупно потрошиле под 8 милиони евра, со што не сме го исполниле условот за помош преку овој механизам. Рокот за аплицирање бил на 24 јуни минатата година“, напиша Димитров на фејсбук.

Европската комисија (ЕК) денеска објави дека ќе даде речиси 530 милиони евра како финансиска поддршка за 17 земји-членки на Унијата и 3 земји кандидатки со цел да ги покријат јавните трошоци за медицинска и лична заштитна опрема, превенција, поддршка на населението, следење и контрола на ширење на болеста. Меѓу нив не е Северна Македонија, а трите земји кои добија помош, а не се членки се: Албанија, Црна Гора и Србија.

Слични содржини