
Казните и глобите секогаш биле најмалиот генератор на приходи во вкупниот Буџет на Македонија. Од вкупно изречените санкции во делот економија, вклучувајќи ги сите инспекторати и институции под нејзина надлежност, наплатени се 1,5 отсто што е минорна бројка, рече денеска ресорниот заменик-министер Христијан Делев на седницата на собраниската Комисија за економски прашања.
Според него, точно е дека нефискалните приходи се зголемени, но тоа е резултат на издадените 350 концесии за експлоатација во последните три години. Од концесиите доаѓаат 90 отсто од приходите.
– Не треба да се креира фама дека се казнува многу, бидејќи не е така, истакна Делев пред членовите на Комисијата кои расправаа по предлог-измени и дополнувања на 16 законски решенија. Измените главно се однесуваа на усогласувањето со Законот за прекршоци.
Станува збор, додаде, за сосема нов концепт – инспекторите најпрво им укажуваат на субјектите каде грешат, а санкциите се крајна мерка и се применуваат само ако грешките се повторуваат.
– Целта на концептот не е собирање приходи во Буџетот од казни, туку подобрување на работата на субјектите и корегирање на нивните евентуални отстапки. При контролите, инспекторите најпрво делуваат како вид советодавен орган, им укажуваат на субјектите каде грешат и ги едуцираат и упатуваат како да го подобрат работењето, како да се кореигираат таму каде што прават одредени отстапки. Санкциите се последниот инструмент што се применува, потенцира Делев.
Пратениците од опозицијата ги поддржаа измените на законите само зашто со нив се намалуваат казните за компаниите и граѓаните, но, како што нагласија, ќе интервенираат со амандмани за уште поголемо намалување, до најмалку 50 отсто.
Квалификувајќи го ваквиот чекор како популистички и дел од предизборната кампања на власта, побараа точна бројка за собраните пари во Буџетот од досега наплатените казни. Една од забелешките беше и тоа што пред три години СДСМ поднела ваков закон, но владејачката партија не го прифатила, а сега носи слично решение.
– Со овие законски измени ВМРО-ДПМНЕ признава дека изминатите осум години водела погрешна прекршочна политика, практикувала и изрекла многу високи казни. Колку фирми се затворија поради глобите, колку луѓе останаа без работа и колку од нив земаа кредити за да ги платат изречените казни, рече Марјанчо Николов од СДСМ.
Пратениците на СДСМ не се согласија ниту со начинот на кој е проектирано намалувањето на глобите – минималната сума се бриши, а се остава максималната и врз основа на неа се одредува висината на казната.
Заменик-министерот Делев појасни дека токму ваквото решение е логично и ќе овозможи кај малите фирми и трговците-поединци казните да се намалат не само за 50 отсто, туку дури и за 70 проценти.
Во текот на расправата реплицираше и Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, отфрлајќи ги како неточни тврдењата на СДСМ.
– Ова решение беше во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, а целта е да се подобрат условите за работа на стопанските субјекти, посочи Кузмановска.
Глобите согласно Законот, се пресметуваат врз основа на три услови – вкупен приход на фирмата, нејзино поведение и просечен број вработени, и за нив, пратениците од СДСМ немаа забелешки.
На дневен ред на седницата беа прдлог-измените и дополнувањата на законите за угостителкса дејност, за возила, за трговските друштва, за едношалтерскиот систем, за ТИРЗ, за електронска трговија,…
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државната статистика не беше разгледан поради неприсуство на владин повереник. /МИА