Демири за „Безбеден град“: Законот ќе беше донесен дури и без мојот глас, јас сум на страната на граѓаните

Демири, кој до пред неколку месеци беше пратеник на АА на Села, а сега делува како независен, гласаше „за“ Законот за прекршоци

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: Фејсбук/Илир Демири

Независниот пратеник Илир Демири, кој заедно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица гласаше за законските измени што овозможија системот „Безбеден град“ да започне на 1 февруари, реагираше велејќи дека законските измени ќе поминеа дури и без неговиот глас. Колку за потсетување, потребно беше двотретинско мнозинство за да може законот да помине.

Демири, кој до пред неколку месеци беше пратеник на Алијансата за Албанците на Зијадин Села, а сега делува како независен, нагласи дека политиката за него е средство за служба, а не лична добивка. Тој ја изразува својата посветеност на заштитата на интересите на граѓаните и придонесот за подобрување на здравствениот систем и јавната безбедност.

„И покрај ова, мојот став во корист на „Безбеден град“ произлегува од моето убедување дека овој проект не е на штета на граѓаните, туку напротив придонесува за зголемување на јавниот ред и безбедност. Немаше никаков притисок врз мене за овој мој став, бидејќи никогаш не би дозволил такво нешто“, објави Демири.

Пратеникот објаснува дека тврдењето дека неговиот глас бил против Албанците е неточно, неосновано и наивно.

„Официјалната статистика, според податоците од пописот на населението во 2021 година, јасно покажува дека овој проект не е насочен кон ниту една заедница, туку се спроведува во најголемите градови, за сите граѓани. Јас ќе бидам тој што ќе бара овој проект да продолжи да се инсталира и да функционира и во други градови“, потенцира, меѓу другото, Демири во својата објава на социјалните мрежи.

На 23 јануари, пратениците гласаа за измените на Законот за прекршоци, со кои се овозможи системот „Безбеден град“ да стапи на сила од 1 февруари. Вкупно 100 пратеници гласаа, од кои 81 „за“ и 19 „против“. Пратениците на ДУИ и на СДСМ беа против.

Според Владата, овој систем ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот, додека според опозицијата, постојат разни критики за недостатоците на системот.

Камерите на „Безбеден град“ инсталирани во Скопје, Тетово и Куманово автоматски ги евидентираат сообраќајните прекршоци почнувајќи од 1 декември. Планирано беше казните да почнат да се применуваат од 1 јануари 2026 година, но ова е одложено за 1 февруари 2026 година. Целта е да се намали и преполови бројот на сообраќајни несреќи до 2030 година.

Покрај трите града, опремата на „Безбеден град“ е инсталирана и во почетна фаза треба да почне да се имплементира и на Коридорите 8 и 10.