Демирташ: Во Турција може да избувне граѓанска војна, минативе два дена се “генерална проба”

од desk3
83 прегледи

Главната прокурдска партија во Турција предупреди дека постои опасност од избувнување на граѓанска војна во земјата по бранот насилство меѓу турските безбедносни сили и курдските бунтовници, соопшти Франс прес.

0000276061-article2

Две последователни ноќи илјадници демонстранти излегоа на улиците на неколку турски градови, за да протестираат против “терористите” од Курдската работничка партија (ПКК) и ги нападнаа канцелариите на прокурдската Демократска партија на народите (ДПН), обвинувана дека поддржува бунтовничкото движење.
“Овие напади се предводени од една рака, таа на државата”, изјави за новинарите во Дијарбекир копретседателот на ДПН Селахатин Демирташ.

“Целта им е да предизвикаат граѓанска војна, а овие два дена наваму е генерална проба”, додаде тој.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган реагира ревносно на овие зборови и повторно ги обвини ДПН дека зборува со јазикот на тероризмот.

“Лидер на партија да зборува за граѓанска војна, тоа е несовесно”, рече тој и ги повика лидерите на прокурдската партија “да направат избор меѓу демократијата и тероризмот”.

“Ако застанете на страната на тероризмот, ќе си ги сносите последиците”, рече Ердоган на прес-конференција со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој е во посета на Анкара.

Веднаш по изјавата на претседателот обвинителството во Дијарбекир започна судска постапка против Демиртас за “навреда на претседателот на републиката”, “поддржување на терористичка организација” и “поттикнување насилство”. Обвинителството инсистираше за соборување на неговиот имунитет.