Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски оценува дека иднината не ни е светла од демографски аспект, но тоа не значи дека таа не може да се промени. Потребен е голем напор и труд и креирање на активности и политики, засновани на податоци.
Според него, демографската иднина не зависи од желбата да се има раст и деца и да се остане, туку од сите останати фактори во општеството.
-Имиграцијата не е меѓу најголемите проблеми. Денес луѓето сакаат да имаат вистински можности во државата, квалитетно образование и здравство. Демографијата е различна наука и не реагира експресно на промените, но реагира, кажа Симовски по презентацијата на проекциите во Собранието.
-Сите знаеме или имаме некој познат кој заминал или планира да замине. Самите податоци од пописот покажаа дека имаме загуба на повеќе од 200 илјади лица за 19 години. Меѓутоа загубата е поголема бидејќи на тие лица што иселувале, нивните деца се родиле надвор. Оваа разлика е малку поголема, рече директорот на ДЗС пред новинарите.
Додава дека со заминувањето на населението, веќе губиме работен потенцијал и недостаток на работна сила и затоа мораме да увезуваме.
-Најлошата проекција која не може никогаш да се оствари, покажува дека 500 илјади жители ќе се иселат. ние велиме вакви се можните последици. Тоа се прогнози. Целта на проекциите е да ги видиме последиците, кажа Симовски.
Сите седум проекции за населението во Република Северна Македонија до 2070 година на Државниот завод за статистика (ДЗС) упатуваат на намалување на вкупното население во земјава.
Доколу ништо не се промени и останат параметрите од 2022 година вкупното население до 2070 ќе се намали на 1,3 милиони жители.