Демократскиот сојуз бара Собранието да одржи седница на која ќе се расправа за студентскиот стандард и другите проблеми со кои се соочуваат студентите и да се донесат конкретни решенија преку интегрално прифаќање на нивните барања.
„Субвенционирање на студентскиот оброк, замрзнување на цените во студентските ресторани и домовите за сместување, исклучување на студентските домови и факултетите од мерките за штедење енергија, зголемување на студентските кредити и стипендии, се минимум услови кои државата треба да ги обезбеди за сите студенти без исклучок.
Демократскиот сојуз укажува дека не може да се предлагаат законски решенија и да се носат одлуки без да се консултираат студентите и универзитетите, како што беше предложен законот за субвенционирање на студентскиот оброк или најавата за измени на Законот за високо образование.
Демократскиот сојуз ја реафирмира и идејата на секој студент што ќе заврши високо образование да му се овозможи да работи една година во јавниот или во приватниот сектор со плата од буџетот на државата, како основа голем дел од студентите да останат да работат во Македонија. Оваа мерка се спроведува во Канада при што искуствата се исклучително позитивни“, велат оттаму.