„Ден на гневот против непријателот“: Застрашувачка закана на Хезболах по масакрот во болницата

од Stefanija Kuzmanovska
338 прегледи

„Во среда нека биде ден на гневот против непријателот“, порачаа вчера членовите на либанскиот Хезболах, по нападот на болницата во Појасот Газа. Хезболах го нарекува нападот масакр на стотици луѓе, за што го обвинува Израел. Тел Авив синоќа соопшти дека нападот на болницата не бил по вина на Израел, туку дека ракета истрелана од Газа паднала врз болницата, каде што имало над илјада луѓе.

Во изјавата објавена во вторникот од страна на палестинскиот сојузник на Хамас, либански Хезболах, се осудува „масакрот“ и „бруталното злосторство“.

Палестинското министерство за здравство во Појасот Газа вчера објави дека повеќе од 500 луѓе се убиени „во израелскиот напад“ на периметарот на болницата во градот Газа и дека уште многу се под урнатините. Луѓето биле во областа на болницата за да се скријат од израелската офанзива.

Меѓутоа, израелската армија соопшти дека не е одговорна за експлозијата во болницата, туку дека објектот бил погоден со ракета истрелана од Газа, која ѝ се припишува на организацијата Исламски џихад.

Потсетуваме, ноќта меѓу 16 и 17 октомври беше бомбардирана болница во центарот на Газа, а како што јавија палестинските медиуми и официјални лица загинаа стотици луѓе.

Нападот предизвика протести во Турција, Јордан и Либан.

Десетици Либанци излегоа на улиците за да ги осудат „злосторствата против човештвото“.

Исто така, илјадници луѓе излегоа на улиците пред израелскиот конзулат во Истанбул за да протестираат против масакрот на „повеќе од 500 Палестинци во нападот на болницата“.

Во Јордан десетици луѓе се упатиле кон израелската амбасада во оваа земја, и се обиделе насилно да влезат во зградата.

Слични содржини