Ден на жалост во четири земји од соседството по трагичната несреќа во Кочани

од Nikola Popovski
92 прегледи

Денеска во Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Црна Гора е ден на жалост поради трагедијата што се случи во земјава кога во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 лица, а 155 беа повредени. Во Македонија уште во неделата беше прогласена 7-дневна жалост.

Пожарот во дискотеката во Кочани бил предизвикан од искри од пиротехнички средства, кои се користеле како светлосни ефекти и кои го запалиле покривот на дискотеката. Здравствените власти веќе информираа дека 20 од повредените се во критична состојба, како и дека поголем дел се испратени на лекување во повеќе европски земји и држави од регионот.

Полицијата го приведе сопственикот на клубот, како и повеќе од 10 лица. Отворена е истрага за можна корупција. Ноќниот клуб во кој се случи трагедијата немал дозвола за работа, а во моментот на пожарот во клубот имало 500 луѓе и биле продадени 250 билети.

Според истрагата, дискотеката немала хидрантска мрежа и доволно противпожарни апарати, нелегално се користела пиротехника, а меѓу организаторите и групата „ДНК“ што настапувала таа вечер не бил склучен писмен договор. МВР соопшти дека токму групата ја донела пиротехниката.

Токму поради сите овие детали откриени од истрагата, на подрачјето на Македонија расте гневот и напнатоста, па граѓаните на Кочани протестираа, но и го демолираа кафулето на сопственикот на дискотеката „Пулс“, каде избувна пожар, а подоцна отишле во неговата куќа и фрлале со камења и јајца.

Знамињата на јарболите на државните институции во Македонија се спуштени на половина копје поради смртта на 59-те лица. Изрази на сочувство за трагедијата до земјава упатија бројни претставници од регионот и светот.

Слични содржини