Во Хрватска, денес е Ден на жалост во спомен на жртвите од земјотресот што неодамна ја погоди таа земја.
На седницата во средата, хрватската влада го прогласи 2 јануари за Ден на жалост и отвори сметка за помош на жртвите.
Извршниот претседател на Црвениот крст на Хрватска, Роберт Маркт изјави дека досега се собрани 36 милиони куни (4,8 милиони евра) за граѓаните погодени од разорниот земјотрес.
– Сигурен сум дека сите граѓани кои ги исплатиле парите преку Црвениот крст на Хрватска ќе бидат задоволни, бидејќи тие пари ќе ги распределиме на најтранспарентен можен начин до хрватските граѓани погодени од земјотресот – рече Маркт.
Тој најави дека Црвениот крст ќе добие списоци на жители кои претрпеле штета од земјотресот од единиците на локалната самоуправа, на чии жиро сметки ќе им бидат исплатени парите.
– Ќе биде потребно извесно време, но ние ќе сториме сè за тоа да се случи што е можно побрзо, бидејќи сме свесни дека потребите се големи – рече Маркт за Нова ТВ.
Тој посочи дека сега не е потребно да се испраќа храна, хигиена и вода, бидејќи тие имаат доволни количини, а сите луѓе на кои им е потребна, добиле храна за одреден временски период.
– Ова е операција која ќе трае долго и ги прашувам сите што се желни да помогнат да почекаат неколку дена и сигурно ќе ги вклучиме во таа операција – истакна Маркт.