Министерот за одбрана на Грција, Никос Дендијас денеска ја навредил Македонија, нарекувајќи ја „глушец што рика“, изразувајќи ја, како што вели, својата вознемиреност дека „лошото време“, ако некогаш дојде, „нема да дојде од соседната земја на северната граница туку од Турција“.
Дендијас ова го кажал во тамошната Комисија за национална одбрана и надворешни работи на Собранието.
„Секогаш велам, не дозволувајте да дојде лошото време, но лошото време може да дојде. И секако лошото време нема да дојде од Северна Македонија, глушецот што рика во последниве неколку дена, туку ќе дојде од земја со десеткратно население, со четири пати поголем БДП, што значи дека ако не сфатиме дека треба да бидеме на неверојатно високо ниво, нема да успееме, а сите имаме супер одговорност кон ова“, нагласил грчкиот министер, подвлекувајќи ја потребата од континуирано засилување на вооружените сили бидејќи, како што порачал, во Грција „го немаме луксузот на безбедност што го имаат западните земји“.
Тој ја повторил, како што навел, својата вознемиреност за опасноста што демне од турската страна.
„Ме обзема голема вознемиреност. Не сум го криел тоа од вас. На крајот на краиштата, повеќето од вас ме познаваат многу години и знаете дека го кажувам она што го чувствувам во оваа просторија“, кажал грчкиот министер за одбрана, пренесува грчката телевизија „Skai“.