Дендијас: Македонската влада нема допир со сегашната реалност

од Nikola Popovski
140 прегледи

Грчкиот министер за одбрана, Никос Дендијас тврди дека „македонската влада нема допир со реалноста“. Ова тој го изјавил за време на говор одржан на конференцијата Делфи во Вашингтон. Како што пренесува ВОА на македонски јазик, Дендијас зборувал за улогата на Грција во активното промовирање на европската интеграција на Западен Балкан.

„Дозволете ми да го спомнам Западен Балкан. Таму проблемите се затскриени, Косово, Босна и Херцеговина и Влада во С.Македонија која нема допир со сегашната реалност. На сите овие предизвици, Грција одговара со многу јасна позиција, почитувајќи го меѓународното право и меѓународните договори и во исто време заштитувајќи го сопствениот суверенитет, суверените права и територијалниот интегритет. За да се справиме со оваа сложена и нестабилна средина, воспоставивме партнерства на повеќе нивоа со земјите од нашиот регион“, рекол меѓу другото грчкиот министер за одбрана.

Неодамна обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски на средбите во Њу Џерси, при посетата на САД, предизвика остри реакции во Грција. Официјална Атина толкуваше дека изјавите на Мицкоски алудирале дека Скопје не го смета за решен спорот за името со Грција. Според грчкото МНР, Мицкоски се обидува „да го врати на преден план прашањето кое, како што сите знаеме, еднаш засекогаш е решено“. Изјавата на премиерот ја пренесоа и голем дел од грчките медиуми, коментирајќи дека „Мицкоски провоцира“ и говори за „нерешено прашање“.

„Фројд е чудна работа и дека не знае каде се препознале Грците“, одговори премиерот по прозивките од Атина.

„Но, таа борба за македонскиот народ се плашам дека не е доволна, дека ќе треба да победуваме и тука во Вашингтон и во Њујорк и во Брисел и во Берлин и во Лондон и во Париз и во Рим и во други светски метрополи, ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска, бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сѐ уште постои“, кажа Мицкоски пред дел од македонската дијаспора во САД.

Затоа, додаде тој, е многу важно оваа врска којашто ја има татковината со Македонците надвор од татковината да продолжи да функционира да се засили, да биде уште посилна.

„Нема посилна потврда од македонскиот идентитет ако има повеќе Македончиња, без разлика дали тие се родени во Македонија или надвор од Македонија, бидејќи на тој начин се брани нацијата и македонскиот идентитет, со потомство“, рече тогаш премиерот.

Слични содржини