Пратеничката Даниела Колева информираше дека денес ќе биде откупено грозјето на сите лозари кои вчера не можеа да го предадат.
-Почитувани, проблемот кој настана вчера пред ВВ Тиквеш е решен, со тоа што сите лозари кои вчера не можеа да го предадат грозјето, денес ќе биде откупено. Во наредните два дена ВВ Тиквеш нема да врши откуп, потоа ќе продолжи, согласно склучените договори помеѓу винаријата и лозаропроизводителите. Ќе останеме во постојан контакт и со лозарите и со винариите, стои во објавата на пратеничката.
„Локално“ од свои извори денес објави дека во обид да се стекне политички поени, вчера се договорени шест трактори со грозје да одат пред откупниот центар на „Тиквеш“ во Кавадарци и да бараат да им се откупи грозјето за кое претходно не доставиле примерок.
Откако контролорите на квалитет од Тиквеш побарале од шесте инструирани лозари да го достават истото грозје кое пријавиле како примерок, овој момент се користи како тригер и активира партиски активисти кои вчера вечер истурале грозје пред Тиквеш поради наводен револт.
Винарската визба „Тиквеш“ останува децидна во својата определба дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува, затоа што од тоа зависи квалитетот на вината што ги произведува кој секогаш мора да биде врвен.