Се очекува во текот на денот да биде подготвено барањето за екстрадиција од Министерството за правда за Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кој вчера беше уапсен во Турција.
Во моментот се прибираат информации и документацијата од институциите за спроведување на постапката за екстрадиција, велат од Министерството за правда.
Кога ќе биде се подготвено, најверојатно министерот за правда Кренар Лога, на прес-конференција ќе ја информира јавноста.
Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, вчера беше уапсен во Турција, а за останатите четворица осомничени судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје определи мерка притвор од 30 дена по барање на Јавното обвинителство кое отвори истражна постапка за две убиства на свиреп начин по кривичната пријава добиена од Министерството за внатрешни работи.