Граѓани вчера излегоа на протест на раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“ барајќи решавање на проблемот со депонијата Вардариште од каде, според нив, се чувствува неподнослива миризба особено по последниот пожар во депонијата.
Собирот беше организиран преку повик на социјалните мрежи во кој се вели дека граѓанска должност е да се побара веднаш решавање на проблемот.
– Како граѓани се прашуваме кои институции ни недостигаат за да го решат овој проблем, рекоа дел од насобраните луѓе.
МВР за кратко дозволи блокада на раскрсницата, по што протестот беше прекинат, но граѓаните јасно порачаа дека ова е само почеток. „Ова не е политика, ова е борба за здравје. Ќе излегуваме секој ден, додека конечно не се реши проблемот и додека не видиме дека се преземаат конкретни чекори, а не само празни ветувања“, велат граѓаните.
Следниот протест е најавен за денес, повторно во 18 часот, на истото место – кај паркчето „Авионче“ во Ново Лисиче. Граѓаните апелираат до сите засегнати од загадувањето да се приклучат масовно, уверени дека само со истрајност можат да издејствуваат трајно решение.