Во 9:30 часот денеска министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски и Основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски во зградата на Јавното обвинителство ќе одржат прес конференција за случајот со грозоморното киднапирање и убиството на Вања Ѓорчевска.
Според вчерашните информации од ОЈО, девојчето вило земена со возило од влезот на живеалиштето, а од обезбедените информации од распитот е утврдено дека е убиена истиот ден околу 10.00 часот, соопшти Обвинителството. Во околината на Велес пак е пронајдено и телото на 74-годишен велешанец, кој на 24 ноември бил пријавен за исчезнат. За двата случаи, се осомничени пет лица. За тројца се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице е во полициска станица.
Претходно, во врска со кривичните дела беше пронајдено опожарено возило „цитроен“ и по извршени вештачења обезбедени се материјални докази за инволвираност на лицата, за што по целосно документирање на случаите, во координација со јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е „користољубие“-велат од Обвинителството.
Веднаш по добивањето на пријавите за исчезнатите лица, преземени се мерки и активности за нивно пронаоѓање, а во СВР Скопје беше формиран и посебен оперативен штаб, на чело со началникот на СВР Скопје, информираат од обвинителството. Извршени се претреси во домови и други простории на подрачјата на Скопје, Велес и Штип. Според Обвинителството пронајдени и одземени се мобилни телефони, компјутери, возило, извршени се бројни разговори со семејствата, познаниците, пријателите и лица кои би можеле да имаат било каква информација.
„Увид на двете локации каде беа пронајдени телата на исчезнатите денеска извршија јавни обвинители од основното јавно обвинителство Скопје и од основното јавно обвинителство Велес. Издадени се наредби за обдукции на телата на жртвите и за соодветна идентификација. Исто така, издадени се наредби за прибирање и вештачење на сите траги и докази од двете локации“, наведуваат од Обвинителството.
По комплетирање на доказите и наредените вештачења, против сите осомничени ќе поведе соодветна постапка, стои во соопштението на Јавното обвинителство.