Денес протест во Крива Паланка поради кравите и нанесувањето штети врз приватни имоти

Вчера АХВ со МВР повторно ги заловувале проблематичните крави низ Крива Паланка, додека нивните сопственици ги бркале по планината за да спречат да бидат одземени

од Nikola Popovski
55 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Ѓорѓиевска Јулијана

Денес во Крива Паланка ќе се одржи протест поради неконтролираното движење на говеда и нанесувањето штети врз приватни имоти и земјоделски површини на територијата на општината и околината.  Најавено е дека протестот ќе биде мирен, а учесниците се повикуваат да се однесуваат одговорно и без насилство, додека Општина Крива Паланка и претставниците на 16 месни заедници ќе ги следат настаните и ќе ги преземат потребните мерки за заштита на јавниот интерес.

Според соопштението, надлежните институции веќе донеле правосилни решенија и задолжителни мерки за регулирање на состојбата со говедата, но непочитувањето на тие решенија, велат организаторите, го загрозува јавниот ред, безбедноста и имотните права на граѓаните.

Вчера градот повторно во фокусот поради проблемот со кравите што подолг период се движат неконтролирано низ регионот, откако теренска акција на институциите прерасна во тензична сцена со бркање на животни по ридовите. Според објавите, во акцијата учествувале инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и припадници на МВР, додека дел од семејството-сопственик се обидувало да ги оттурне кравите од службените лица.

Се наведува дека меѓу најгласните била ќерката на сопственикот, Јулија Ѓорѓиевска, која со викање ги оттурнувала кравите кон ридовите, додека службено лице се обидувало да ја сопре.

Од вкупно околу 500 грла, во текот на денот биле заловени само десетина, а дел од нив биле натоварени од помошен објект кај градскиот базен.