„Денеска е голем ден“: Спасовски вечерва ќе го потпише договорот со Фронтекс

од Nikola Popovski

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска посочи дека е голем ден за земјава откако за вечерва е најавено потпишувањето на договорот со Фронтекс меѓу С. Македонија и ЕУ.

Спасовски ќе го потпише договорот заедно со еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.

-Ова претставува израз на нашата заедничка посветеност за дефинирање на одржливи, трајни решенија во справување со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, при што почитувањето на човековите права и демократските принципи се основни темелни принципи на кои се темели меѓусебната соработка, објави Спасовски.

Според него, значењето на Договорот со Фронтекс е дотолку поголемо бидејќи истиот ќе биде потпишан на македонски јазик, покрај јазиците на земјите членки на ЕУ.

Со потпишувањето на Договорот се создаваат неопходните правни предуслови коишто ќе овозможат непосредна соработка меѓу надлежните органи на двете договорни страни, за ситуации кога членови на тимот на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража имаат извршни овластувања на територијата на Република Северна Македонија, а во контекст на управувањето со миграциските текови и сузбивањето на незаконска миграција и прекуграничен криминал во земјава.

Слични содржини