Игнатовден, односно Св. Игнат, е христијански празник кој православните христијани го слават на 2 јануари.
Според едни верувања, на овој ден Пресвета Богородица ги добила породилните болки, но во преданијата на Православната црква јасно е нагласено дека таа воошто немала породилни болки.
На територија на Македонија овој празник е проследен со многу суеверија, обичаи и верувања, а речиси сите православни верници сметаат дека она што го правите денес, ќе го правите и во текот на целата година.
Кој е Св. Игнат (Игнатиј Богоносец)?
Свети Игнатиј е роден во Сирија. Кога тој бил дете, според преданието, го зел Исус во прегратка и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца нема да влезете во царството небесно.“ Поради тоа што го носел Исус во прегратка е наречен Богоносец. Тој бил ученик на Jован Богослов, како и свети Поликарп, епископот на Смирна. Игнатиј бил третиот епископ на Антиохиja и наследник на Еводиј Антиохиски. Богоносец се нарекува бидејќи според христијанските преданија, Името на Спасителот секогаш го имал во своето срце и постојано му се молел.
На 20 декември (според грегоријанскиот календар), во ден на пагански празник, свети Игнатиј бил изведен во Колосеумот. Тој се обратил кон народот: „Римски мажи, вие знаете дека сум осуден на смрт, не заради злостораство, туку заради мојот Еден Бог, кон кого со љубов сум приврзан и кон Кого стремам. Јас сум негова пченица и ќе ме смелат забите на ѕверовите, за да станам негов чист леб.”
Веднаш потоа биле пуштени лавовите. Преданието раскажува дека, одејќи кон местото на страдањето, свети Игнатиј постојано го повторувал името на Исус Христос. Кога го прашале зошто тоа го прави, свети Игнатиј одговорил дека го носи тоа име во своето срце, „а Оној што е запечатен во моето срце, Него со устата го исповедам”.
Обичаи, верувања и суеверија
На овој ден започнуваат подготовките за празникот Рождество Христово – Божик и затоа се нарекува и Прв Божик. Празникот секогаш е пет дена пред Божик и со него започнуваат свеченостите поврзани со зимските празници. Поголем број обичаи поврзани со овој празник упатуваат на заклучокот дека со овој ден започнуваат и новогодишните обичаи, а има и такви што потсетуваат на свеченостите поврзани со далечните пагански прослави на зимската краткодневица и враќањето на сонцето од јужните напоредници. Во таа смисла се обредните огнови познати кај многу народи.
На овој ден, велешани вообичаено вареле пченица и пченка, за плодна година. Во гевгелиско на овој празник жените кои имаат деца не работеле. Во Штип и штипско ги тегнеле децата за уши за да пораснат повеќе. Во Радовиш овој ден традиционално се прославувал мирно, никој не повишувал тон, не се пеело, а денот се започнувал со слатко или нешто благо, наместо со вообичаен појадок. Во скопско се кршеле гранчиња од зеленика, смрека и даб и со нив се потпалувал оган, како благослов за семејството, земјата и стоката. Во Охрид се приготвувале питулици во чест на Исус Христос. Во тетовско на овој ден не се позајмува ништо, додека во мавровско, се очекувале гости, а според изгледот на првиот кој ќе влезе во куќата, се прогнозирала целата година.