Денеска најавен нов протест за случајот „Онкологија“

од Nikola Popovski
195 прегледи

Под мотото „Правда за жртвите“ вечер нов протест за скандалот на Клиниката за онкологија. Како што посочуваат организаторите, протестот ќе започне во 18 часот пред Владата, а ќе продолжи пред зградата на Министерството за здравство каде, како што наведуваат, ќе побараат одговорност за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија, но и за обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, вклучувајќи ги лицата од МЗ како што се претходните министри кои влијаеле за заташкување на случаите.

-Повторно нагласуваме и за тоа дека измени во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, доколку ние тоа не го дозволиме, стои во соопштението на организаторите.

Првиот протест се одржа на 4 септември, а вториот на 11 истиот месец. Јавното обвинителство неодамна соопшти дека директен пристап до истражната постапка ќе имаат тројца пациенти од Онкологија. Собранието веќе донесе одлука за формирање анкетна комисија која ќе ја следи предистражната постапка во Обвинителството. Комисијата ќе брои 13 члена, додека претседател ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинителството отвори истрага за случајот, откако во медиумите беа објавени текстови за разработена криминална бизнис мрежа на Клиника за онкологија за препродавање на лекови, односно дека во оваа шема биле вклучени повеќе доктори и медицински персонал на клиниката.

Според пишувањата на дел од медиумите, скапата биолошка терапија за болните од рак се препродавала на црниот пазар, односно според некои неофицијални информации, терапијата се препродавала на Косово. Дел од обвинувањата се и дека наместо имунолошка терапија со цитостатици, болни од рак на Клиниката за онкологија, всушност примале физиолошки раствор.

Ваквите обвинувања предизивикаа гнев во јавноста и оттогаш речиси секојдневно се бараат имиња на одговорните лица и разрешница на овој случај.

Основното јавно обвинителство Скопје, користејќи ги каналите за меѓународна соработка и размена на информации, ќе побара податоци од надлежните органи во Косово и Албанија за пациенти од тие земји кои се лекувале со одредени терапии во С. Македонија, како и за евентуални сознанија за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји.

 

Слични содржини