Од Основен кривичен суд Скопје информираат дека објавата на пресудата за предметот со КОК бр. 57/17 од обвинителството означен како „Топлик” закажана за денеска, се презакажува за 5 април, 2022 година од 13:00 часот во Судница 1.
-Причина за презакажување на терминот е што еден од членовите на судечкиот совет, судија – поротник го известил судот дека е позитивен на Ковид – 19 вирусот и во следниот период ќе биде во изолација согласно протоколите за здравствена заштита, информираат од Судот.
Во предметот на СЈО „Топлик“ осомничени се поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица за продажба на градежна парцела во скопско Сопиште.
Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
Од доказите, според поранешното СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.