За денека во 13 часот пред Владата е закажан граѓански протест против судската постапка за смртта на четиригодипниот Алмир Алиу, кој пред две години беше прегазен во Куманово, а деновиве обвинетиот Бобан Илиќ беше пуштен од притвор, откако делото беше преквалификувано, од убиство во сообраќајка со смртни последици.

-Ве очекуваме на протест да го искажете вашиот револт кон судската мафија. Донесете со себе играчка, парче облека или што било најмило од вашето дете или внуче. Протестот ќе биде мирен затоа што ќе има многу мајки и деца, повикуваат организаторите на протестот.
Доцна синоќа министерот за правда Билен Саљили на прес конференција соопшти дека поднесува оставка од министерското место од морални причини, токму за овој случај.
Претходно во интервју за „Макфакс“ државниот обвинител Љубомир Јовески изјави дека на негово барање се сретнал со родителите на Алмир Алиу.
-Бев со цел да им кажам дека нема никаква заднина во преквалификацијата на предметот“, вели Јовески додавајќи дека правдата ќе биде задоволена, а правото мора да владее.
Јовески тврди дека во случајот нема никаква етничка или каква и да е друга позадина.
Минатата недела, на рочиштето во Судот во Куманово, обвинителката направи преквалификација на делото, со што обвинетиот Бобан Илиќ наместо за убиство на Алмир, ќе одговара за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, кривично дело за кое според Кривичниот законик е предвидена максимална казна до десет години.
Ова ќе биде трет граѓански протест. Првите два се одржаа пред Јавното обвинителство.
Организаторите ги повикуваат сите обесправени граѓани , да дојдат на протест и да ја поддржат правдата за малиот Алмир.