Денеска нов протест за „Монструм“

од Берта Китинска
398 прегледи

За денеска е закажан протест против пресудата за обвинетите во случајот „Монструм“, за петкратното убиство кај Смилковско Езеро.Според најавите, протестот ќе почне во 13:30 часот од паркот во Чаир.

Минатиот петок иако беше најавен протестот не се одржа.Лажна вест е најавата дека ќе имало протест за Монструм, ова го тврди Блерим Ахмеди кој досега ги организирал роднините на осудените за петкратното убиство. Обвини дека власта сакала да го манипулира населението.

„Соопштението за протест е лажна вест само за да се дезорјентира населението. Пропагандата на власта не тера да разбереме дека се плашат од протести!“, напиша Ахмеди на својот Фејбсук профил.

Од МВР изјавија дека објавата на Ахмеди е лажна и демантираат дека полицијата сакала да го доведе населението во заблуда со објавата за најавениот протест.

„Овој протест беше најавен токму од лицето Блерим Ахмеди и МВР ги презеде сите неопходни мерки и активности за обезбедување на протестот и ја информиравме јавноста“.

Од осум, досега тројца имаат првостепена пресуда од една година затвор

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против уште едно лице од протестите за пресудите во „Монструм“. И тој како и претходните седум е осомничен за кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Се работи за 19 – годишен жител на Стајковци, кој 26 февруари, за време на протестите, заедно со други идентификувани и неидентификувани граѓани, фрлале камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети кон полицискиот кордон на булеварот „Крсте Петков Мисирков“.

Како што соопшти МВР, притоа беа повредени 11 полициски службеници и еден новинар.Сега осомничениот бил маскиран за да го скрие неговиот идентитет.На барање на јавниот обвинител, на осомничениот му е одреден притвор од осум дена поради опасност од бегство и од повторување на делото.

Три лица, кои беа обвинети за истото дело веќе добија казни затвор од по една година.

Изменет сообраќајниот режим во Скопје

„Денеска со почеток од 13.30 часот најавен е протест, кој ќе започне од паркот во Чаир, а ќе продолжи до зградата на Владата на Република Северна Македонија. Од тие причини, СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, па од 13.30 часот до завршување на протестот етапно ќе бидат затворени за сообраќај следните улици: делови од улиците „Христијан Тодоровски Карпош”, „Џон Кенеди”, „Цветан Димов”, како и бул.„Крсте Мисирков”, бул.„Гоце Делчев”, дел од ул.„Филип Втори’, дел од булеварите „Илинден”, „ВМРО” и „Климент Охридски”, информираат од МВР.

Од СВР Скопје апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници, а заради заштита на новинарските екипи кои ќе го следат протестот, потребно е истите своите акредитации да ги носат на видливо место.

 

Слични содржини