Власта и опозицијата преку нивните групи кои работат на спроведувањето на договорот од Пржино за надминување на политичката криза во Македонија, како што е најавено, денеска повторно на дневен ред ќе треба да го разгледуваат прашањето за специјалниот јавен обвинител, кој ќе има надлежност да ги истражи случаите „Прислушување“ и „Пуч“.

Тој треба да биде избран најдоцна до 15 септември, две недели по враќањето на опозицијата во Собранието.
Има сериозен напредок по сите точки во дијалогот посветен на Изборниот законик, тврди белгискиот експерт Питер Ван Хауте. По пет-часовната средба со претставниците на политичките партии, тој појасни дека фокусот е на постигнување политички договор, додека техничките детали им се препуштаат на стручните лица.
– Најтешко е да ги мотивирате луѓето постојано да бидат ангажирани во дискусијата. Денеска и изминативе два дена имавме мошне добро подготвени дискусии. Побарав од неколкумина своите предлози да ги достават на писмено. Сите ми доставија и тоа е голем чекор напред оти се гледа дека навистина се ангажирани во процесот. Би рекол дека на почетокот не си веруваа меѓу себе и разговорите не беа на потребното ниво, но сега има огромен напредок – градиме доверба меѓу партиите и тие навистина се ангажирани во дискусијата, рече Питер Ван Хауте, белгиски експерт.