Вишиот суд во Белград денеска треба да им ја соопшти пресудата на Владимир и Миљана Кецмановиќ, родителите на малолетниот убиец од ОУ „Владислав Рибникар“ коj на 3 мај 2023 година, со истрели од пиштолот на неговиот татко, уби девет основци и еден чувар, додека рани неколку други. На родителите на Кецмановиќ им се заканува повеќегодишна затворска казна, а и покрај тоа што судењето досега беше затворено за јавноста, пресудата ќе биде јавно објавена.
Изрекувањето на пресудата за Владимир и Миљана Кецмановиќ е закажана за 13 часот во Палатата на правдата. Пресудата што ќе ја донесе Вишиот суд во Белград ќе биде јавно објавена и покрај тоа што вратите од судницата биле затворени за јавноста во текот на целата судска постапка. Станува збор за првостепена пресуда против која ќе може да се поднесе жалба во законскиот рок.
За потсетување, Владимир Кецмановиќ е обвинет дека несоодветно држел оружје во својот стан, поради што нивниот син К.К успеал да дојде до него, да го однесе на училиште и да изврши невидено злосторство со убиство на девет ученици и еден училишен чувар.. Тој се товари дека сторил кривично дело предизвикување општа опасност, а Миљана за недозволено поседување оружје и експлозивни направи бидејќи на една од чаурите при полициската истрага во училиштето и била пронајдена биолошка трага.
На 3 мај 2023 година, малолетниот убиец смртно ги застрела Бојана Асовиќ (11), Ана Божовиќ (11), Катарина Мартиновиќ (12), Мара Анѓелковиќ (13), Ема Кобиљски (13), Софија Негиќ (13), Андрија Чикиќ (14), Адријана Дукиќ (14), Ангелина Аќимовиќ (14) и Драган Влаховиќ (53), а ранети се шест лица.
Иако на самиот почеток не беа обвинети за кривичното дело злоупотреба и запуштање на малолетно дете, Вишото јавно обвинителство во Белград во октомври го прошири обвинението. Според обвинението, обвинетите ја занемариле психичката и емоционалната состојба на своето дете за да не реагираат адекватно на чувството кое се развило кај детето – дека е одбиено и неприфатено на часот што го посетувал до седмо одделение во ОУ „Владислав Рибникар“. Проширувањето на обвинителниот акт уследи откако момчето-убиец, за прв пат по 3 мај 2023 година, кога изврши масовно убиство, ја напушти болницата во која се наоѓа и во придружба на полицијата со возило на брза помош беше пренесен во зградата на Специјалниот суд во Белград, каде сведочеше во кривичната постапка против неговите родители.