Денеска се запишуваат првачињата, за упис родителите ќе имаат на располагање еден месец

од Берта Китинска
315 прегледи

Во основните училишта во земјава од денеска до 30 јуни ќе се запишуваат ученици во прво одделение за учебната 2020/2021 година откако роковите за упис со уредба на Владата беа одложени за еден месец поради заштита од заразата со КОВИД-19.

Наместо во мај, како што е утврдено во Законот за основно образование, оваа година уписите се во јуни и родителите ќе имаат на располагање еден месец да ги запишат децата во основните училишта, а тие до 15 јули треба да ги објават резултатите.

Владата во петокот на седница усвои протокол за спроведување на уписот на првачињата со утврдени мерки за заштита на јавното здравје и спречување да се шири коронавирусот.

Според протоколот, уписот се спроведува во термин утврден од Комисија за запишување ученици формирана од директорот на училиштето. Треба да има пауза од најмалку 20 минути помеѓу термините за разговор на членовите на комисијата со секое дете. Во паузите се забранува групирање на присутните во училиштето.
Во просторијата за разговор може да присуствуваат само членовите на Комисијата за запишување, детето и еден од неговите родители/старатели. Најмалку два метра оддалеченост треба да има меѓу присутните, возрасните лица да носат заштитни маски и ракавици, а по секој разговор просторијата треба да се дезинфицира.

На влезот од училиштата задолжително треба да има средство за дезинфекција на обувките и рацете, како и поставени едукативно-информативни материјали за почитување на заштитните превентивни мерки.

Слични содржини