Денеска во Подгорица пресуда за „кралот на криптовалутите“

од Stefanija Kuzmanovska
250 прегледи

Судијката на Основниот суд во Подгорица, Ивана Бечиќ, по рочиштата за случајот „Кралот на криптовалутите“ најави дека денеска ќе донесе пресуда.

Меѓународниот бегалец и таканаречен „крал на криптовалутите“ Хјеонг До Квон и неговиот деловен партнер Хон Чанг Јеон, на кои им се суди во Основниот суд во Подгорица за фалсификување патни исправи, објавија дека се убедени дека нивните пасоши се легални, пренесе РТЦГ.

Тие се обвинети за фалсификување пасоши со кои имале намера да ја напуштат Црна Гора на 23 март со приватен лет за Дубаи. Тие потоа биле уапсени на аеродромот во Подгорица, бидејќи користеле лажен костарикански пасош, а при претресот кај До Квон биле пронајдени и лажни патни исправи од Кореја и Белгија.

До Квон претходно беше баран од Интерпол под обвинение за меѓународна измама со криптовалути во вредност од 40 милијарди долари. Минатата година пропаднаа криптовалутите на До Квон, „Тера“ и „Луна.

Поради покренување на истрага и обвинувања дека ги измамил доверителите, негова екстрадиција бараат Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави.

Во меѓувреме, Вишиот суд во Подгорица им одреди шестмесечен екстрадиционен притвор за До Квон и Чанг Јеон, а црногорскиот суд во тој рок треба да одлучи за нивна екстрадиција во Јужна Кореја.

Безбедносните институции во Црна Гора не знаат како До Квон и неговиот придружник влегле во Црна Гора, објави РСЕ. До Квон и Чанг Јеон беа донесени во судот со полициско комбе од кое излегоа со лисици.

За време на излагањето на својата одбрана, До Квон пред судот раскажа како набавил пасоши од Костарика, со чија помош тој и неговите соработници сакале да ја напуштат Црна Гора. Како што соопшти бранителот на До Квон, адвокатот од Подгорица Горан Родиќ, пасошите ги добиле преку агенција во Сингапур.

„Документите се добиени со економско или инвестициско државјанство. Сето тоа го правела агенција, какви што се познати во светот и во Црна Гора, а пасошот го извадиле во Сингапур, каде редовно влегувале и ја пополнувале апликацијата. изјави адвокатот Родиќ.

Тој исто така рече дека До Квон го прифатил наодот на Интерпол дека нивните пасоши не се регуларни, како што утврдил обвинителот.

„Денеска за прв пат До Квон го виде извештајот на Интерпол дека документите што сакале да ги искористат за да излезат од Црна Гора не се регуларни. И како разумен човек го прифатил тој факт и не инсистирал на валидноста на документите да се провери во Костарика“, вели Родиќ.

Претходно беше најавено дека Специјалниот обвинител ќе го испрашува До Квон во врска со писмото испратено до премиерот Дритан Абазовиќ, во кое тој ги посочува наводните финансиски врски со лидерот на „Движење Европа сега“, Милојко Спајиќ.

Абазовиќ потврди дека писмото го добил на крајот од кампањата за парламентарните избори кои се одржаа на 11 јуни. Спајиќ ги отфрли обвинувањата дека неговото Движење е финансирано од До Квон или некој од крипто заедницата и го обвини Абазовиќ за злоупотреба на институциите.

Воедно потврди дека со До Квон се познава од 2018 година, а последен пат го сретнал во ноември минатата година.

Партијата на Спајиќ освои најмногу гласови и пратенички мандати на изборите, поради што тој треба да биде именуван за мандатар за состав на новата Влада на Црна Гора.

До Квон пред обвинителот негираше дека ја финансирал кампањата на Спајиќ, што Родиќ го потврди.

Слични содржини