Денеска започнува самитот на БРИКС: Се очекува важното обраќање на Путин

од Stefanija Kuzmanovska
282 прегледи

Во Јоханесбург денеска почнува 15-тиот самит на организацијата БРИКС, чии членови се Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.

„БРИКС го започна процесот на проширување за да стане еден од столбовите на новиот, поправеден полицентричен светски поредок“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во напис за јужноафриканскиот магазин „Убунту“, пренесува ТАСС.

Рускиот претседател Владимир Путин ќе учествува на самитот преку видео врска, а земјата во Јоханесбург ќе ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

Во март, Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг издаде потерница по Путин, а Јужна Африка, како потписник на договорот, ќе биде обврзана да го уапси рускиот претседател доколку стапне на нејзина територија.

Министерот за меѓународни односи и соработка на Јужна Африка, Наледи Пандор, најави дека една од главните теми на самитот ќе биде проширувањето, а на самитот се поканети повеќе од 60 земји.

„Ројтерс“ претходно го објави тврдењето на јужноафриканскиот дипломат Анил Суклала дека повеќе од 40 земји изразиле желба да се приклучат на економскиот блок БРИКС, од кои 22 формално, додека останатите покажале неформален интерес.

Иран, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Аргентина, Алжир, Боливија, Индонезија, Египет, Етиопија и други земји сакаат да се приклучат на БРИКС.

За овие земји БРИКС е алтернатива на глобалните организации за кои сметаат дека се контролирани од Западот и се надеваат дека членството ќе им донесе придобивки како што се инвестициите и растот на трговијата.

Самитот ќе трае до 24 август.

Слични содржини