Денков очекува измени на македонскиот Устав и внесување на Бугарите

од Nikola Popovski
282 прегледи

Новата бугарска влада очекува Република Северна Македонија да ги прифати измените на нејзиниот Устав како што е договорено со европскиот предлог-преговарачка рамка постигнат во 2022 година. Ова го изјавил новиот премиер на Бугарија, Николај Денков во телефонски разговор со македонскиот колега Димитар Ковачевски, јави бугарската владина прес-служба.

„Какви и напори да вложиме за позитивен развој на билатералните односи, тие ќе останат во втор план или нема да се реализираат доколку не се реши соодветно прашањето за вклучување на Бугарите во основниот закон на Северна Македонија“, рекол Денков.

Тој ја потврдил поддршката на Бугарија за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, вклучително и Северна Македонија, бидејќи тоа е во интерес на сите, како што вели.

Според него, се очекува нашата земја да постигне брз напредок во реформскиот процес и да ги исполни договорените услови усвоени со заклучоците на Советот на Европската унија во 2022 година, рамката за преговори и билатералните протоколи на состаноците на Меѓувладината комисија, според чл. 12 од Договорот за пријателство, соработка и добрососедство од 2017 година.

„Нашата земја е подготвена да работи заедно со својот сосед за исполнување на обврските“, додал бугарскиот премиер.

Денков изјавил дека и во двете земји има сили кои не сакаат добрососедски односи и се обидуваат да поттикнат тензии.

„Бугарскиот владин кабинет ќе биде извор на смиреност, но важно е да нема инциденти во Северна Македонија, како и државата веднаш да реагира доколку дојде до такво нешто, за да докаже дека се грижи подеднакво за сите свои граѓани“, истакнал тамошниот премиер.

Слични содржини