Германија депортирала 30 отсто повеќе луѓе од почетокот на 2024 година отколку минатата година кога зголемувањето беше 25 отсто, соопшти во петокот портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи.
Тој рече дека причина за тоа се построгите закони кои стапиле на сила.
Од почетокот на оваа година евидентирани се 6.316 депортации, додека во истиот период во 2023 година имало 4.792 депортации.
Германија депортирала 16.430 луѓе во цела 2023 година, а во 2022 година таа бројка била 12.945. Многу луѓе биле депортирани во Македонија, Грузија и Австрија во претходните две години, пишуваат германските медиуми.
Германија депортира многумина во други земји членки на Европската Унија бидејќи многумина живееле таму пред да дојдат во Германија и затоа треба да поминат низ процедури за добивање азил во тие земји.
Депортациите добија ново внимание откако германски полицаец беше убиен во Манхајм од авганистански имигрант. Германија досега не депортирала државјани на Авганистан и Сирија во нивните матични земји бидејќи ги сметаат за небезбедни земји.
Германскиот канцелар Олаф Шолц во четвртокот најави дека сака повторно да дозволи депортација на тешки криминалци во Авганистан и Сирија. Тамошното МВР во моментов ги разгледува можните начини да го постигне тоа.
„Pro Asyl“, германска организација која се залага за правата на бегалците, ја осуди иницијативата на Шолц.
„Меѓународното право јасно забранува депортирање во Авганистан и Сирија“, изјави шефот на организацијата Карл Коп. Коп ја опиша намерата на Шолц како незаконска бидејќи „двете земји се познати по употребата на тортура и нехумани казни“.
Германското Министерство за надворешни работи, исто така, предупреди во петокот дека е против соработката со талибанците, кои владеат со Авганистан, за депортирање на авганистански криминалци, велејќи дека исламистичката влада ќе бара меѓународно признавање доколку се направи таков чекор.