Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) донесе решение со кое утврди постоење на картелско однесување меѓу десет осигурителни компании на пазарот на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност (АО).
Според КЗК, во усогласеното однесување учествувале: Евроинс Осигурување, Триглав Осигурување, Македонија – Виена Иншуренс Груп, Сава Осигурување, Еуролинк, Граве, Уника, Осигурителна Полиса, Халк Осигурување и Кроација Осигурување.
Во постапката било утврдено дека компаниите во периодот 1 март до 7 мај 2024 година, компаниите разменувале чувствителни информации и во исклучително краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот на премијата – т.н. режиски додаток.
КЗК оценува дека ваквото однесување претставува ограничување на конкуренцијата „по своја цел“, што е најтешка форма на повреда согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Со размената на информации и паралелното носење ценовни одлуки, независната деловна политика била заменета со колективно дејствување на пазарот, што е строго забрането.
Врз основа на утврдените факти, КЗК изрече прекршочни санкции – глоби во вкупен износ од 17.266.930 денари.
Од Комисијата нагласуваат дека остануваат посветени на заштита на фер пазарни услови, спречување на картели и обезбедување конкурентна средина во интерес на потрошувачите и стопанството.