Десетици уапсени за време на Парадата на гордоста во Истанбул, меѓу нив и новинари

од Nikola Popovski

Турската полиција повторно насилно интервенираше за време на денешната Парада на гордоста на ЛГБТК+  популацијата во Истанбул и уапси десетици луѓе, меѓу кои и фотограф од агенцијата Франс прес.

Уште пред почетокот на собирот, полицијата упаднала во неколку локали во населбата Џихангир околу култниот плоштад Таксим и „по случаен избор“ уапсила лица кои се наоѓале таму, меѓу кои имало и новинари и активисти на ЛГБТК+, изјавија новинарите на агенцијата Франс прес.

Како и секоја година, Парадата на гордоста беше официјално забранета од гувернерот на градот, но стотици демонстранти со знамиња во боите на виножито се собраа на улиците околу плоштадот Таксим, кој е целосно затворен за јавноста.

Демонстрантите, извикувајќи „иднината е квир“ и „Никогаш нема да бидете сами“, пешачеа околу еден час по улиците на населбата Џихангир, со поддршка на луѓето од околните прозорци.

Уапсените со два полициски автобуси биле пренесени во главната полициска станица.

Невладината организација Каос ГЛ, која се залага за промоција и заштита на ЛГБТК+ лицата, изброила 52 уапсени лица, јавува Амнести интернешнал, која преку Твитер побарала тие да бидат ослободени „веднаш и безусловно“.

Неколку очевидци велат дека полицијата се обидела да ги спречи медиумите да ги снимаат апсењата.

Булент Килич, искусен фотограф на Франс прес, кој ги следи конфликтните зони, со лисици на рацете и искината маица, заедно со другите бил префрлен во полициско возило.

Тој бил уапсен минатата година под истите околности.

По спектакуларната поворка во 2014 година со повеќе од 100.000 учесници во Истанбул, турските власти од година во година ја забрануваат Парадата на гордоста, официјално од безбедносни причини.

Еврокомесарката за човекови права Дуња Мијатовиќ во петокот ги повика властите во Истанбул да ја укинат важечката забрана за Парадата на гордоста и да ја гарантираат безбедноста на мирните демонстранти.

Слични содржини