Десетте најголеми губитници меѓу милијардерите од досегашната војна на царини

од Nikola Popovski
42 прегледи

Новиот бран американски царини предизвика големи потреси на светските финансиски пазари, а најголеми губитници беа најпознатите милијардери. Според податоците објавени од Форбс Австралија, за само еден ден, четврток, 3 април 2025 година, десетте најбогати луѓе изгубиле вкупно повеќе од 90 милијарди долари.

Најголема индивидуална загуба забележа основачот на Мета, Марк Закерберг, чие лично богатство се намали за цели 17,9 милијарди долари. Акциите на неговата компанија паднаа за повеќе од 9 отсто по објавувањето на пакетот нови царини што ги објави еден ден претходно американскиот претседател Доналд Трамп.

Падот на вредноста на акциите е директна последица на најавата за нови царински мерки, кои предизвикаа верижна реакција на светските берзи и паника кај инвеститорите, пишува Форбс.

Веднаш зад Закерберг во однос на дневната загуба е основачот на Амазон Џеф Безос, кој загуби 16 милијарди долари, додека Лари Елисон, шеф на Oracle, загуби 9,9 милијарди долари.

Меѓу оние кои исто така почувствуваа силно влијание беа Мајкл Дел (-9,4 милијарди), Илон Маск (-8,7 милијарди), Бернард Арно од LVMH (-8,6 милијарди) и извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг (-7,4 милијарди).

Падот не ги заобиколи ниту ко-основачите на Google – Лери Пејџ загуби 4,9 милијарди долари, а Сергеј Брин 4,6 милијарди долари. На листата на губитници се најде и Томас Петерфи, основачот на брокерската куќа Interactive Brokers, со загуба од 4,1 милијарди долари.

Слични содржини