Во постапка на регистрација на некој правен субјект – невладина организација или приватна фирма, доколку во нивното име е содржан зборот Македонија потребна е согласност од Министерството за правда за употреба на истиот.
Таквата надлежност на Министерството за правда за невладините организации произлегува од важечкиот Закон за здруженија на граѓани и фондации донесен во 2010 година, чиј став 1 од членот 9 гласи:
„Зборот „Македонија” и зборовите изведени од него како и неговите кратенки, може да се содржани во името на организацијата само со одобрение на Министерството за правда.“
Вчера на прашање на новинарка од Слободен печат го кажав мојот став дека нема пречка ниту во Уставот ниту во Преспанскот договор во името на приватни субјекти – невладини организации, фирми, политички партии – да е содржан зборот Македонија и тоа само тој збор без придавката од уставното име.
Впрочем сите гледаме дека во овие две години од донесување на уставните амандмани никој не покренал ниту прашање, ниту пак има барање за пререгистрација на многуте невладини организации и политички партии во чие име е содржан заборот Македонија – без никаки придавки пред него. За такви барања нема ни простор да се постават.
Исто така, сакам да нагласам дека користењето на новото уставно име на државата е обврска за официјална комуникација, не за приватна. Така беше и порано. Никој во приватна комуникација порано не го користеше уставното име Република Македонија, туку се користеше само зборот Македонија.
Сега според моето разбирање на Преспанскиот договор обрска само за официјална комуникација е да се користи или уставното име или скратеното име Северна Македонија. Но потенцирам: официјална или службена комуникација. Нема, ниту може да има обврска за секојдневната неслужбената комуникација. Секој граѓанин кој не настапува од позиција на носител на власт, во неслужбена комуникација е сосема слободен да го употребува само зборот Македонија, без никакви придавки пред тоа, без Северна и без Република.
Но, она што е забрането со уставниот закон за примена на уставните амандмани од 2019 година и со Преспанскиот договор е изведувањето на придавката „северномакедонска/и/о“. Значи, согласно уставните амандмани, Министерството за правда не смее да одобри користење на ваква придавка во називите на невладините организации, приватни фирми или политички партии.
Додека бев во Министерството за правда имаше поднесени барања за користење на зборовите Македонија, Македонски/Македонска, Македонци и слично во барањата на приватни субјекти кои беа одобрени. Но исто така имаше поднесени барања за користење на зборот Северномакедонска кои беа одбиени.
ФБ статус на Рената Дескоска