Дескоска до Лога: Посакувам секој следен министер да биде подобар од претходните оти само така може да одиме напред

од Nikola Popovski

Кога немате аргументи, тогаш користите ad hominem напади и навреди, вака професорката и поранешна министерка за правда, Рената Дескоска му возврати на актуелниот министер, Кренар Лога.

Таа во својата објава на Фејсбук порача:

-Јас лично посакувам секој следен министер да биде подобар од претходните, бидејќи само така може да одиме напред. А тоа може само со политики засновани на точни информации и со почитување на најдобрите меѓународни практики. P.S. Во животот сум вршела неколку функции, но потпретседател на партија никогаш не сум била, посочи Дескоска.

Ова следува откако денеска Лога на прес-конференција го коментираше ставот на професорката во однос на Упатството за новите изводи со графата националност.

-Дескоска како професорка може да дава какви изјави сака, но како министерка е лош пример бидејќи таа сама се назначуваше преку Владата како член на Венециската комисија иако во тој момент беше и потпретседател на партијата. Професорката по уставно право тоа не го дозволувала, не прифаќала, рече Лога, одговарајќи на новинарско прашање.

Додаде дека „ако се повикува на европските и меѓународните стандарди, тогаш  е една од оние министри кои ги прекршиле тие стандарди“.

-Ова го нема во ниту една земја во светот. Таа е лош пример за министер и во минатото, кога не прифати уставните измени за Преспанскиот договор да одат преку Министерството за правда, туку преку МНР што е преседан, кажа министерот откако денеска Уставниот суд донесе одлука со која привремено го стави надвор од употреба Упатството.

Слични содржини