Фон дер Лајен се надева дека Кина ќе изврши притисок врз Русија за прекин на војната во Украина

од Nikola Popovski

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјавила дека Европската унија смета на Кина да изврши притисок врз Русија, со цел да ја прекине војната против Украина.

„Сметаме на Кина да го искористи сето свое влијание врз Русија за да стави крај на руската агресивна војна против Украина“, рече Фон дер Лајен по средбата со кинескиот претседател Си Џингпинг и францускиот претседател Емануел Макрон во Елисејската палата, пренесе Ројтерс.

„Претседателот Си одигра важна улога во деескалирањето на неодговорните нуклеарни закани на Русија и уверена сум дека претседателот Кси ќе продолжи да го прави тоа во контекст на тековните нуклеарни закани на Русија“, додаде таа.

Фон дер Лајен рекла дека Кина може да го ограничи „неодговорното ширење“ на ирански ракети и беспилотни летала и ги повтори повиците за прекин на огнот во конфликтот меѓу Израел и Хамас.

„Веруваме дека Кина може да одигра важна улога во ограничувањето на неодговорното ширење на балистички ракети и беспилотни летала од Иран“, изјавила таа за новинарите по средбата со Си. Европската претставничка истакнала дека ЕУ не може да го апсорбира прекумерното производство на кинески индустриски стоки што го преплавуваат европскиот пазар.

Таа го повикала кинескиот претседател да преземе чекори за решавање на проблемот со вишокот капацитет.

„Кина која игра фер е добра за сите нас“, истакнала Фон дер Лејен.

Си пристигна во Франција во неделата на своето прво патување во Европа по 2019 година.

Слични содржини