Велигденскиот говор на владиката Петар во кој ги спомна и изборите: „Да не се случи слепец слепи да води“

од Nikola Popovski

Голем број реакции во јавноста поради велигденското послание на митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар. Честитајќи го големиот христијански празник, свештеното лице истакна и дека „во оваа светла воскресенска седмица, во нашата земја Македонија се одржуваат избори“. Според владиката, „народот е мудар и знае да направи правилен избор“.

-Граѓаните, пак, особено оние од православна вера, секогаш да имаат при ум дека се царско свештенство и избран народ, и затоа должни се да гласаат и изберат претставници и водачи коишто се одликуваат со морални вредности и ги исполниле или ќе ги исполнат ветувањата, за да не се случи втората измама да биде полоша од првата, т.е. слепец слепи да води. Во спротивно, гласачите виновни ќе бидат пред својата совест, која е гласот Божји во човекот, истакнува владиката.

На верниците им порача дека се должни да гласаат.

-Имено, ние како слободни битија, создадени по Божјиот образ и подобие, го поседуваме дарот на слободната волја и имаме можност слободно да одлучуваме и избираме. Во нашиот живот често сме биле пред избор, уште од најмала возраст. Така, избиравме која играчка ја сакаме, со кои другарчиња ќе играме и ќе се дружиме, кој спорт ќе го избереме, во кое училиште ќе се запишеме, на кој факултет ќе студираме, кого или која ќе ги избереме за брачен другар/ка, какво возило, стан или куќа ќе купиме итн. Сето ова е во ред.

Но, пред секој човек, пред секој од нас, во овој живот, се поставени неколку клучни избори: ќе избереме добро или зло; вистина или лага, стои меѓу другото во зборовите на владиката Петар.

Владиката Петар е познат по радикално конзервативните и често дискриминирачки ставови и противник на женските права. Кога во април 2021 се зарази со Ковид-19, владиката се лекуваше во приватна болница. Потоа, тој ги отфрли препораките за заштита од коронавирусот за време на велигденските празници, при што причестувањето се вршеше со иста лажица. Неретко знае да се види со изјави во македонските медиуми како е против внесувањето на Бугарите во Уставот.

Слични содржини