Дескоска: Најблиските роднини на Росица имаат право да ја тужат државата за сериозни прекршувања на домашното право и Европската конвенција за човекови права и да бараат надомест на штета

Случајот со двојното убиство во Велес не смее да се затвори заради тоа што убиецот е мртов, смета Дескоска

од Nikola Popovski
51 прегледи Фото: Фејсбук профил на Рената Дескоска

Професорката и екс-министерка за правда, Рената Дескоска информира дека во најновиот случај Scuderoni v. Italy (бр. 6045/24) од вчера, Европскиот суд за човекови права утврди дека Италија ги прекршила член 3 (забрана за нечовечно или понижувачко постапување) и член 8 ( право на приватен и семеен живот). Ова следува во контекст на двојното убиство во Велес и фемицидот врз Росица Коцева.

„Жалителката тврдела дека по разделбата од партнерот била изложена на психолошки и физички притисоци, контроли, вознемирување и закани, и дека властите не презеле навремени и соодветни мерки за нејзина заштита.

Судот констатираше дека властите не направиле „проактивна проценка на ризик“ и дека имало значителни одложувања (на пр. осум-девет месеци за судење, два месеца до регистрација на кривичната пријава) што укажува на неадекватен одговор на сериозноста на ситуацијата. Како адоместок, Судот нареди државата да ѝ исплати €15.000 за нематеријална штета и €10.000 за трошоци“, истакнува Дескоска.

Според неа, случајот со двојното убиство и самоубиството во Велес не смее да се затвори заради тоа што убиецот е мртов. Смета дека е потребна целосна истрага за да се утврди одговорноста на оние кои требало да преземат дејствија за заштита, а не го сториле тоа.

„Тоа е потребно заради задоволување на правдата, но и како поука за постапување во идни слични случаи и превенирање на идолентен однос на државата во случаи на семејно и друго насилство. Не може секогаш вината да се бара во наводните „дупки“ во законите. А најблиските роднини на убиените во Велес, имаат право да ја тужат државата за сериозни прекршувања на домашното право и Европската конвенција за човекови права и да бараат надомест на штета“, објави Дескоска.

На 3-ти мај годинава, 36 годишна Рамајана Асан беше убиена од партнерот пред своето петгодишно дете. Пријавувала за семејно насилство, но не добила соодветна заштита од институциите. На 10-ти мај жена е убиена од човекот со кој живеела. Во Кочани од маж свирепо е убиена со нож жена.