Законот за Јавно обвинителство се изготвуваше долг период од работна група во која учествуваа странски експерти, странски јавни обвинители, но и домашни експерти и јавни обвинители, рече министерката за правда, Рената Дескоска на јавната дебата за Законот за Јавно обвинителство.
„Во рамките на изработување на законот, посебно внимание се посвети на усогласување на европските стандарди за јавното обвинителство. Основните точки за нов закон беа усогласување со законот за кривична постапка, имплементирање на стратегија за реформа за правосудниот систем донесена од владата. Таму беше нотирано дека СЈО треба да се вметне во обвинителството, со разграничување помеѓу СЈО и ОЈО. Првата верзија содржеше Обвинителство за организиран криминал и корупција и Специјално јавно обвинителство, но тој концепт не доби поддршка од 80 пратеници, а најголемиот дел од забелешки беа дека се противат на посебно обвинителство за висока корупција. Втората верзија го инкорпорираше СЈО во Обвинителството за организиран криминал и корупција, а тоа го има и во овој предлог закон“, рече Дескоска.
Според неа, целта била да се воспостави систем во кој обвинителството ќе има финансиски гаранции, особено обвинителството кое треба да гони висока корупција. Министерката истакна дека нема избор на обвинители под трајни услови, туку со ограничен мандат, а истите ќе бидат избрани од Советот на јавни обвинители.
„Сметаме дека ако се даваат дополнителни активности, треба да се даде и зголемен број на обвинители, со цел да може ефикасно да ги преземе своите надлежности. Законот не прејудицира кој би бил избран во обвинителството, односно секој кој исполнува услови може да се јави на конкурсот. Обвинител може да биде разрешен со дво-третинско мнозинство“, истакна министерката Дескоска.
Таа нагласи дека овој Закон треба да важи со децении натаму, а важно е и прашањето за поделба на надлежностите.
А.Т.