Денеска пред почетокот на собраниската седница, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Светлана Јакимовска и Муса Ибраими од ДУИ, поднесоа предлог-закон за изменувања и дополнување на Законот на кривична простапка по скратена постапка со кои наместо 15 дена за приложување на докази за одбраната е предвидено тој рок да се продолжи на 90 дена и обвинителството нема да може да покрене постапка 90 дена откако ќе заврши истрагата.
Пратеничката од СДСМ, Рената Треневска Десковска, изјави дека со ова ВМРО-ДПМНЕ покажа страв од одговорност за сторените кривични дела.
Како што рече Десковска овој закон е обид да се одложи постапувањето на Специјалното јавно обвинителство. Со измените на законот како што вели пратеничката практично се одложуваат постапките.
– Наместо 15 дена за приложување на докази за одбраната, со измените е предвидено тој рок да се продолжи на 90 дена. Исто така со овие измени, обвинителството нема да може да покрене постапка 90 дена откако ќе заврши истрагата. Предвидено е сето ова да важи и за веќе почнати постапки. Сите знаеме со каква цел и зошто ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го предложија овој закон. Ова е уште еден срамен чин на владеачките партии со што се потврдува нивниот криминал. ВМРО-ДПМНЕ покажаа страв и кога не го поддржаа законот за помилување што го предложивме – рече Десковска.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто извештајот на СЈО е ставен како последна точка на дневниот ред, Десковска, рече дека владејачката коалиција не сака да расправа за Извештајот.
– Нас ни беше очекувано поместувањето на точката на крај на дневниот ред. Ние имаме што да кажеме за извештајот на СЈО, но нив тоа нема да им се допадне. Очекувам цело време да ја одложуваат точката – рече Десковска.