Политичката партија Десна денеска на својот официјален Фејсбук профил, објави наводно писмо од својот поранешен лидер Љупчо Палевски, кој се уште чека екстрадиција во земјава и судска постапка, како првоосомничен за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Писмото е претставено како „сопштение за јавност“ со насловот „Палчо се јави, навистина се јави“, со датум 25 февруари 2024 година. Во него стои дека Палевски веќе 3 месеци бил во самица во турскиот затвор, без контакт со останати лица.
Се наведува дека Палевски добил адвокат-професионалец, за кој вели, дека си ја знае работата. Исто така, во писмото Палевски посочува дека е невин, односно дека „не киднапира, убива деца и старци“. Тој го обвинува и екс-министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски дека изнесувал лаги и го нарекува „аутист“.
Заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ денеска во врска со екстрадицијата, изјави дека се очекува тој да биде екстрадиран веднаш по завршувањето на административните процедури.
Што се однесува до Палевски, доколку и кога ќе биде екстрадиран во земјава, тој веднаш ќе биде спроведен во казнено-поправна установа бидејќи веќе му е одреден притвор во рамките на истражната постапка што Основното јавно обвинителство Скопје ја отвори за случајот кој ја потресе македонската јавност, но и регионот.
Министерот за правда, Кренар Лога на почетокот на февруари изјави дека „во прашање се денови за испорачување на Палевски во Македонија“.